Почит!

947

covecinja

Фото: Pixabay

„За да има комуникација, мора да има почитување”.

Некаде го прочитав ова и многу убаво е кажано. Едно од основните начела за подобрување на комуникацијата и разбирање помеѓу луѓето, секако е меѓусебното почитување. Доколку се почитуваме, ги почитуваме размислувањата, зборовите и емоциите на соговорниците, многу е веројатно дека подобро ќе се разбираме, така што, ефектот би бил поголем, доколку реципроцитетот е од двете страни, т.е. почитувањето треба да е од двете страни. Знаете како по скопски се нарекува „брат, ја тебе многу те поштуем… важно е да се поштуеме”! (ова посебно доаѓа до израз после 3-4 ракија).

Теоретски, ова е лесно да се каже, а и да потврдиме дека е многу точно. Меѓутоа, ако ја погледнеме реалната слика, она што се случува околу нас, ќе видиме дека ние луѓето не се разбираме многу добро. Не знаеме што е тоа правилна, ефективна комуникација. Да знаевме да комуницираме и да сакавме да се разбереме, немаше да има толку омраза и разединување помеѓу луѓето, народите, земјите, хемисферите. Земајќи го ова предвид, може слободно да кажеме дека во светот не владее или почитта се негува многу малку.

Една дефиниција за „почит” вели дека тоа е „чувство за длабока восхит кон некого или нешто, поради нивните вештини, квалитети или достигнувања”. Во однос на оваа дефиниција, јас почитта ја гледам и од друга перспектива. Почит не е само поради задоволување на некоја наша утеха или споредба или поради некои посебни достигнувања. Почит е, самото тоа што на спротивната страна имате некој човек, кој ја заслужува вашата почит кон тоа што го зборува. И кога разговараме, културно би било да ги слушаме внимателно луѓето кога зборуваат. Почит значи почитување на нечии чувства, размислувања, ставови, како и почитување на различностите кај луѓето.

Ако ја набљудуваме нашата комуникација, ќе видиме дека многу често си влегуваме во збор, не се сослушуваме, се дереме, не се трудиме да се разбереме, туку само е важно ние да си го кажеме своето. Еден голем фактор кој допринесува така да се однесуваме е нашето ЕГО. Тоа вели „моето е поважно… ова што ќе го кажам е поточно од твоето… ти не знаеш… чекај јас да ти кажам…” и затоа се прекинуваме во разговорот. Егото е контра пропорционално од почитта.

Како повеќе да се почитуваме:

  • Рамноправност: ако земеме предвид дека сите сме луѓе, и ако ги третираме сите рамноправно, нема да ги гледаме луѓето одозгора или одоздола или да бираме кого ќе почитуваме, а кого не.
  • ЕГО– менаџирање на нашето его. Не мора секогаш да победиме. Нека победи и другиот, нема да изгубиме многу.
  • Активни слушатели: дури и да се мачиме да бидеме активни слушатели (слушаме за да разбереме, процесираме и да даваме одговор) подобро е отколку прекинување и уфрлување во збор.
  • Почитување на себе: непочитувањето на другите, потекнува од непочитување на самите себе. Треба повеќе да се сакаме и да се цениме себеси, да се прифатиме какви што сме и она што го имаме.
  • „Третирај ги другите како што сакаш да те третираат тебе”– ама стварно ова да се имплементира!! Инаку е само клише.
  • Емпатија– вежбајте емпатија. Разбирање и почитување на мислите, чувствата и различностите кај другите.

Почитувајте се себе си, почитувајте ги другите, подобрете си ја комуникацијата и разбирањето со другите,

„Без чувство на почит, што е тоа што го прави човекот различен од ѕвер?”

Конфучиј

Со успех во брзите промени.

 

Ако имате прашање за Петар Лазаров, можете да го поставите на Бизнис советник.