Почна со работа MAYA, нова фабрика за полнење вода во дебарско Гари

228

maya

Нова фабрика за полнење и пакување на водата за пиење MAYA, сместена во дебарското село Гари, вчера официјално почна со работа. Станува збор за странска гринфилд инвестиција од Хрватска на компанијата МЛ-Гари, досега вредна околу 14 милиони евра.

Освен што е сопственик на фабриката, оваа компанија е концесионер на изворот на вода за пиење. Тој се наоѓа на неколку километри од фабриката, на надморска височина од 1.200 метри, од каде што се црпи водата MAYA. Тоа се извори лоцирани во еколошки најчистиот дел од Македонија, што е одлична гаранција за чистотата и квалитетот на водата.

Изградбата на фабриката почна пред три години близу селото Гари. Фабричката зграда зафаќа 4.000 метри квадратни површина и е една од најмодерните, најсовремените и технолошки најопремените фабрики во Македонија. Таа е опремена со машини од најпознатиот светски производител на линии за полнење Кронес, а ги има имплементирано и светските стандарди за безбедност и квалитет како што се ХАЦЦП и ИСО 22000:2005 стандардите за градежништво и за производство.

“При изградбата на фабриката најмногу внимававме да не се наруши природниот биодиверзитет на околината и максимално да го зачуваме секој нејзин дел. Како резултат на вложените напори добивме модерен објект изграден според највисоките светски стандарди, кој воопшто не ја загадува околината и во кој технолошкиот процес на полнење и на пакување на водата е целосно автоматизиран. Во целиот инвестициски процес, имавме одлична поддршка од Владата на Република Македонија, од Општина Дебар, како и од сите надлежни институции, за што искрено им се заблагодарувам и се надевам оваа добра соработка ќе продолжи и во иднина”, истакна Кујтим Деари од фабриката MAYA.

Водата од изворот се црпи од бунари длабоки 80 до 120 метри, по што се носи до фабриката преку најсовремен водовод изграден според највисоки стандарди. Карактеристично за водата МАYA е што при целиот процес од изворот до пакувањето нема никакви интервенции како што се дегасификација, деминерализација или минерализација. Тоа значи дека водата МАYA е целосно природна, односно првиот допир на водата со надворешната средина е при првото отворање на шишето. Нејзиниот висок квалитет и безбедност веќе го потврдија релевантните институции во Скопје и во Врање, а во тек е и анализа на водата во две најпознати светски институции во Германија и во Швајцарија.

Изворот има капацитет од седум литри во секунда, а дневното производство може да достигне и до 200.000 литри за осум часа или 22.000 шишиња на час.

“Минералниот состав и избалансираноста на минералите, перфектната Ph вредност од 7,6, најмодерната фабрика и технологија на полнење, како и вкупниот процес на производство при што нема никаков допир со надворешната средина, ја прават водата МАYA единствена и ја издвојуваат од конкуренцијата”, рече Деари.

Во новата фабрика ќе се произведува негазирана и газирана вода во ПЕТ амбалажа од 1,5 и 0,5 литри, како и во стаклена амбалажа од 0,75 и 0,25 литри. Во неа засега работат 25 лица, а планирано е оваа бројка наскоро да се зголеми. Освен што ќе се продава на македонскиот пазар, планот е водата MAYA да се извезува и на европските и светските пазари.