Почна со работа рудникот за олово и цинк Тораница во Крива Паланка

80

Рудникот за олово и цинк Тораница од Крива Паланка повторно почнува со работа. Рестартирањето на рударскиот капацитет беше одбележано со симболичен настан во општината, во соработка со новиот концесионер, бугарската компанија Минстрој, јавува Миа.

За рестартирањето Минстрој во Македонија ја основаше фирмата Булмак 2016, којашто доби дозвола за експлоатација на олово и цинк. Согласно договорот со Владата, Булмак 2016 во август годинава го рестартираше производството и во рудникот Злетово во Пробиштип.

Минстрој ќе ги менаџира Злетово и Тораница за годишна концесија од два милиона евра. По потпишувањето на договорот концесионерот најави дека ќе ги врати на работа околу 1.000-те вработени во двата рудника, со кои претходно стопанисуваше компанијата Индо минерали. Во двата рудника се очекува да бидат инвестирани над 20 милиони евра.

Во моментот во Тораница се ангажирани 210 работници, инженери, стручни лица и рудари, а најавено е зголемување на оваа бројка.

Според последните податоци на Министерството за економија, во државава активно работат над 150 рудници претежно за експлоатација на олово, цинк, бакар, сребро и злато. Во рударскиот сектор, којшто учествува со 1,5% во БДП на државата, се ангажирани околу 13.000 работници.