Почнува манифестацијата Тера Мадре Македонија – Битола ќе “живее” со традиционалната македонска храна

thumbnail_Slow food 1

Организацијата Слоу Фуд, прв пат во Македонија ја организира манифестацијата Тера Мадре Македонија. Во наредните три дена, посетителите на Битола ќе може да вкусат слатко од диви смокви, сирење од мавровско-реканскиот регион, мед од медоносна пчела, буковска пипер, вино од станушина и многу други традиционални и органски македонски производи.

„Битола ќе живее со македонската традиционална храна. На 50-тина штандови ќе поставиме разновидни производи, со што ќе го презентираме македонскиот биодиверзитет на храна и нејзината автентичност. Ќе ја промовираме гастрономската култура како алатка за одржлив рурален развој, ќе овозможиме размена на идеи, искуства и стекнување на нови знаења меѓу производителите, експертите, креаторите на политиките, младите, готвачите… и решенија за како да се зачува и негува производството и консумацијата на  локалната храна. На едно место ќе се најдат стари вкусови, ќе бидат поставени разни автентични сорти и што, за нас е важна цел – ќе се едуцираат новите генерации за нашата традиција поврзана со храната“, вели Емилија Неделковска од организацијата Слоу Фуд Македонија.

Неделковска објаснува дека Тера Мадре Македонија претставува мрежа на локални организации на Слоу Фуд, асоцијации на производители, младински активисти,  експерти, готвачи …

„Мрежата е координирана од Слоу Фуд Македонија и настојува, преку организирање конференции и дебати на различни теми поврзани со системот на храна, на една маса да ги седне производителите и потрошувачите,  експертите и носителите на одлуки, да придонесе за  размена на искуства и мислење, како и кон согледување на моменталната состојба и можностите за подобрување на системот на храна“, рече Неделковска на денешната конференција за печат.

На манифестацијата Тера Мадре Македонија, која се организира под мотото Мрежа која инспирира промени, ќе се презентира и органско производство како значаен сегмент во производството на храна, производи од традиционални и занаетчиски производства. Организаторот ќе овозможи малите производители да се вмрежат во национална платформа која ќе обезбеди простор, можност за разговор со сите други чинители.

Според Елена Каровска, програмски координатор,  Слоу Фуд Македонија, на првиот настан од ваков вид во Македонија ќе се одржат и неколку конференции каде ќе се говори за храната и за традиционалните производи, саем на производи, дегустации и курсеви за возрасни, павилјон за едукација за деца, училишна зеленчукова градина засадена на сред плоштад, ќе се готви во живо со најпознатите готвачи во Македонија, ќе се организира младински камп, презентација на филмови поврзани со храна и разни концерти. Во разновидната програма ќе уживаат и Слоу Фуд гости од неколку европски држави – Италија, Шпанија, Турција, Бугарија и Албанија. Сите настани поврзани со манифестацијата Тера Мадре Македонија ќе се одржат на плоштадот Магнолија, со околните знаменитости галерија Магаза, градска куќа Ал Хамбра, парк на Саат Кула и дворот на соборната црква Св. Димитрија во Битола.