Почнува NASA Space Apps Challenge 2015

23

slika nasa

Од деветти до 11-ти април во просториите на Telekom Innovation Center ќе се одржи глобалниот хакатон NASA Space Apps Challenge 2015, каде учесниците ќе имаат можност во период 48 часа да работат на предизвици поставени од НАСА.

Настанот ќе се реализира на 135 локации во светот, а поради одличниот успех од минатата година, Скопје е координатор на 10 локации и тоа Скопје, Тетово, Охрид, Битола, Загреб, Белград, Приштина, Тирана, Виена и Љубљана. Интернационалниот настан NASA Space Apps Challenge е дводневен хакатон на кој тимови низ целиот свет, соработуваат и се поврзуваат со јавно достапни информации со цел да дизајнираат иновативни решенија за глобални предизвици.

Интересниот дел од натпреварот е тоа што младите иноватори ќе имаат временски период од 48 часа непрекинато да работат на предизвикот поставен од НАСА. Минатата година, тим од Македонија го зема второто место на овој светски познат натпревар.

Учесниците ќе имаат можност да соработуваат со искусни ментори од техничките и природно – научните факултети, а во работата ќе им помагаат  и претставници на компаниите и од ИТ индустријата.

Официјален домаќин и координатор на NASA Space Apps Challenge на сите 10 локации е NewMan’s Business Accelerator, а локален генерален партнер е Амбасадата на САД во Македонија со партнерите Knowbook, Plus One, T – Mobile, IBM, JetBrains, Netcetera, Стопанска Банка АД Скопје, FX3X, Iborn, Haselt и Istyle.

Победничкиот тим од овие 10 локации ќе добие две бесплатни карти за учество на Pioneers Festival 2015, што се одржува во Виена.