Почнува судењето на еден од највлијателните луѓе во автомобилската индустрија

104

Скоро две години по апсењето на Карлос Госн, тогашниот прв човек на Renault-Nissan и еден од највлијателните луѓе во автомобилската индустрија, започнува судење за финансиски проневери.

Сепак, бидејќи Госн е недостапен за јапонското судство, неговата десна рака, Американецот Грег Кели, ќе седне на обвинителна клупа во Токио на 15 септември.  Госн избега во Либан од Јапонија, во декември 2019 година, а во соопштение кажа дека не избегал од правдата, туку од политички прогон.
Судскиот процес започнува на 64-от роденден на Кели и доколку биде осуден за учество во криење на приходите на Госн, тој би можел да помине една деценија зад решетки.

Според АП, јапонското обвинителство ги обвинува Кели и Госн за кршење на финансиските регулативи со намалување на приходот на Госн за приближно девет милијарди јени или 85 милиони долари помеѓу 2011 и 2018 година.

Обвинителството тврди дека Госн извлекол пари од Nissan и ги потрошил за приватни цели, како што е купување голем број имоти во Франција и Бразил. Двајцата ги отфрлаат обвиненијата. Адвокатот на Кели во Соединетите Држави смета дека вистинскиот мотив за овие обвинувања е корпоративниот удар во Nissan, смислен и извршен од јапонски менаџери, стравувајќи дека Госн ќе смисли план со кој Renault ќе го преземе јапонскиот производител. “Целата работа е измама“, рече адвокатот.

Фото: Freepik