Почнува Вториот Глобален инвестициски самит во Охрид

22

downloadПовеќе од 350 учесници од повеќе земји во светот денес и утре во Охрид ќе разговараат за можностите за поголема економска соработка на вториот Глобален инвестициски самит што го организира Македонија 2025.

Планирано е на отворањето на Самитот да се обратат премиерот Никола Груевски, амбасадорот на САД во Република Македонија Пол Волерс, претседавачот на Одборот на директори на Македонија 2025 Мајк Зафировски и претседавачот на Самитот Зоран Мартиновски.

На Самитот ќе учествуваат компании од САД, Австралија, Кина, Јапонија, Шведска, Германија, Холандија, Унгарија, Турција…, а меѓу говорниците се претставници на Филипс, Нокиа, Дојче телеком, Канадиан бомбардиер, Аџибадем Турција, Моторола, СЕАФ…

“Министерот за странски инвестиции Веле Самак се погрижи да имаме присуство на претставници на највисоко ниво од Ван Хол од Белгија, Дрекселмаер од Германија и други потенцијални странски инвеститори. Министерот за странски инвестиции Џери Наумоф, исто така, покани голем број заинтересирани странски инвеститори од САД. Посебно е значајна и активноста на Инвест Македонија, кои преку своите економски промотори во Охрид ќе донесат претставници на големи компании од Албанија, Јапонија, Кина, како и повеќе претставници на Адмилиа Холдинг Лтд, кој интегрира 70 италијански претприемачи кои разгледуваат опции за реализирање на инвестициски проекти во Македонија”, информираат од Македонија 2025.

Странските компании, како што посочуваат од Организацијата, изразиле отвореност за соработка во сферата на аутсорсинг, извоз, инвестиции, логистика, консултации, заеднички вложувања, истражување и развој.  За време на самитот веќе се закажани стотина билателарни средби.