Под концесија се даваат 32 ловишта во Македонија

27

12-08-13-38066_1Според одлуката на Владата вкупно 32 ловишта во Македонија ќе бидат дадени под концесија. Од нив едно е лоцирани во Велес и едно во Тетово, по две ловишта во Прилеп, Македонски Брод и Берово, три ловишта во Свети Николе и Радовиш, осум ловишта во Битола и 10 во Штип.

“Со оваа постапка се придонесува за обезбедување на заштита и одгледување на дивечот во ловните региони, но и се нудат можности за поддршка и остварување бизнис за стопанските субјекти, за нивно функционирање во профитабилна дејност, и што за нас како Влада е најзначајно се нудат и опции за обезбедување на нови работни места и вработување на граѓаните во основните и дополнителните дејности во врска со ловиштата”, рече портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.

Сите заинтересирани субјекти можат слободно да ја искористат оваа можност, која има бизнис потенцијал и нуди опции за остварување на профит. Покрај основната дејност која значи одгледување и грижа за дивечот, со ова се нудат и опции за воспоставување на дополнителни економско-стопански содржини во ловиштата или во нивна непосредна близина од типот на сместувачки објекти, угостителски објекти и други содржини во функција на развој на ловниот туризам.

Постапка за доделувањето на концесии предвидено е да заврши во период не подолг од 150 дена. Во текот на август ќе биде изготвена и одобрена тендерската документација за секое ловиште, по што кон крајот на месецот или почетокот на септември ќе следува објавување на јавен повик за доделување на концесија на дивечот во овие ловишта.