Под слоганот Безбедно како дома ќе привлекуваме туристи од регионот

11

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) почна со медиумска кампања во шест земји низ регионов за подигнување на свесност за безбедно патување и туристичките потенцијали коишто земјава ги поседува.

Србија, Албанија, Косово, Бугарија, Полска и Турција се пазарите каде што оваа година се пласира првиот дел од медиумска кампања со цел информирање, насока и будење на свесноста за неопходност од почитување на безбедносни протоколи, но и можности за поминување на безбеден одмор на планина, во рурални области, можност за спортски активности во безбедни региони и предели, како и гастрономско уживање.

Безбедно како дома (Safe like home) е слоганот со којшто се комуницира успешното имплементирање на протоколите за безбедност и превенција од Корона вирусот и знаејќи дека најголемиот мотив во 2021 година за патување ќе биде сигурноста на дестинацијата, со воведување на безбедносниот печат и почитување на сите протоколи, РС Македонија влегува во друштвото на сигурни дестинации за лето 2021 година.

Во оваа насока, АППТ работи на дополнителен промотивен спот со којшто визуелно ќе ги прикаже препораките за заштита според World Tourism Travel Council, во согласност со World Health Organization.

АППТ ја почна регионалната кампања Safe like home во престижни онлајн медиуми, кои според истражувањата, ќе дадат најголем ефект во туристичкото промовирање на нашата земја. Оттаму очекуваат оваа година да има зголемување на странските туристи, со доминација на регионалните и поминување од бројката од два милиони ноќевања.

Промоцијата на земјава ќе биде надополнета и со 360 виртуелни тури кои треба да се финализираат кон крајот на годинава прикажувајќи голем број на атракции и локации низ земјава, со што се следи глобалниот тренд и потреба која ја наметна самата пандемија и ограничувањата од истата.