Владата ќе поддржува отворање нови или проширување на постојните семејни бизниси во руралните средини, преку средства во износ од 15 милиони евра. Поддршката е наменета за бизниси од областа на земјоделското производство, алтернативно земјоделско производство, занаетчиство, туризам и услужни дејности.
Портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев на денешната прес-конференција појасни дека средствата ќе бидат наменети за покривање на 50% од инвестицијата за отворање или развој на семејните бизниси. Најмала инвестиција за која граѓаните ќе можат да побараат поддршка е во висина од 3.000 евра, а највисоката сума може да достигне до 300 до 400 илјади евра.
Претставници на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и Агенцијата за вработување на Република Македонија на терен ќе им објаснуваат на граѓаните во кои се сфери може да се добие поддршка од Владата и помош при изготвувањето на бизнис-плановите. Покрај бизнис планот, како основен услов што граѓаните треба да го исполнат за да добијат финансиска поддршка, е да ги имаат исполнето обврските по основ на даноци и придонеси, и да се од руралните средини.
Оние бизниси кои ќе овозможат поголем број вработувања ќе имаат приоритет во добивањето на средствата.