
На пат кон Шенжен: Пет македонски ученици ќе ја претставуваат земјава на Меѓународната економска олимпијада
Народната банка четврта година по ред ги поддржува македонските претставници за учество на Меѓународната економска олимпијада!
И оваа година, преку стручни подготовки и едукативни активности од областа на економијата, финансиите и банкарството, Народната банка им помага на учениците кои ќе ја претставуваат нашата земја на Деветтата меѓународна економска олимпијада, што ќе се одржи од 12 до 20 јули 2026 година во Шенжен, Народна Република Кина.
Нашите претставници – Стефан Младеновски, Теа Ангелова, Оливера Џамбазова, Георги Јаковлев и Ванеса Томова – имаа можност да посетуваат предавања за монетарната политика, личните финансии и современите начини на плаќање, како и да се запознаат со монетарното наследство на земјата преку посета на Музејот на Народната банка.
Подготовките се реализираат во рамките на долгогодишната соработка помеѓу Народната банка и Сојузот на математичари, со цел да се поттикнат младите таленти и нивниот интерес за економијата, финансиите и бизнисот.











