Поддршка за занаетчиите во време на кризата

44

Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација на економските ресори, Фатмир Битиќи, заедно со министерот за економија Крешник Бектеши остварија средба со претставници на занаетчискиот еснаф, каде што се разговараше за предизвиците со кои се соочуваат занаетчиите во периодот на социо-економската криза предизвикана од КОВИД-19 и нивните видувања за начините на поддршка за опстојување и развој на занаетчиството во нашата земја.

Вицепремиерот Битиќи и Министерот Бектеши истакнаа дека со претходните три пакета на мерки, Владата обезбеди поддршка на голем број на граѓани и компании, а главна водилка беше да се помогне на сите кои бележат загуби поради пандемијата и на тој начин да се одржи ликвидноста на компаниите и да се зачуваат работни места.

Занаетчиите беа опфатени со мерките за поддршка, а голем број на самостојни вршители на дејност, ја искористија можноста за користење на мерката за субвенционирање на минималната плата во висина од 14.500 денари, со кои се помогна за зачувување на занаетчиската дејност.

Министерот Бектеши информираше дека и во буџетот на Министерството за економија, преку Програмата за конкурентност иновации и претприемништво за поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија и занаетчиство,  се наменети средства за оваа дејност со која се поддржани околу 100 компании и неколку занаетчиски комори.

Вицепремиерот Битиќи и министерот Бектеши дискутираа со занаетчиите за тековните предизвици со кои се соочуваат и истакнаа дека во наредниот, четврт сет на Владини мерки, ќе се обезбеди поддршка за сите оние граѓани и стопанственици кои имаат потреба од дополнителна поддршка, а воедно ќе се обезбеди и поддршка за компаниите со кои ќе се овозможи нивен побрз и подинамичен развој, што е приоритет на новите Владините политики за новата развојна економија.

Претставниците на еснафот се заблагодарија на досегашната поддршка од страна на Владата, која била неопходна за нивно опстојување, а додадоа дека очекуваат да се одржува добрата комуникација со Владата и другите надлежни органи и да продолжат да бидат вклучени во креирањето на економските политики и мерки.