Подрачна единица на Катастар во Чашка

26

Агенцијата за катастар на недвижности отвори своја подрачна канцеларија во општина Чашка. Горанчо Пановски, градоначалникот на општина Чашка, истакна дека отсега жителите на општината имотните листови и останатите документи кои им се потребни од Агенцијата ќе можат да ги вадат од подрачната канцеларија.
“Во општина Чашка веќе имаме отворено подрачни канцеларии на Министерството за труд и социјална политика и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Со отворањето и на подрачната единица на Агенцијата за катастар значително им се олеснуваат многу услуги на жителите на Чашка”, рече Пановски.
Славче Трпески, директор на Агенцијата за катастар на недвижности, потенцираше дека постојат низа на недоследности и неправилности во поглед на изложеноста на имотите кои биле извршени во минатото и затоа сега е потребно истите да се исправат.
“Донесовме измени и дополнувања на законот со кои им овозможуваме на граѓаните онаму каде процентот на изложување на имотот е под 25% да извршат повторно премерување на имотите без никаков надомест и со тоа да го запишат својот имот и да добијат имотни листови”, рече Трпески.
Трпески додаде дека вработените во Катастарот во определени делови од овој регион не си ја извршиле својата работа, а имало и цели села кои го бојкотирале систематското запишување.
“Имаме 25 села во регионот на општина Чашка кои се проблематични и затоа во февруари оваа година повторно ќе огласиме повик за бесплатен премер на имотите за да им овозможиме на жителите да извадат бесплатни имотни листови”, додаде Трпески.