Поедноставни услови за кредитирање со самовработување и развој на мали бизниси

48

39ab3bf46ced9d4856c25205fb92582a_XLСите невработени лица кои сакаат да започнат сопствен бизнис или да го решат своето вработување и правните субјекти кои сакаат да го прошират и развијат сопствениот бизнис, ќе можат да аплицираат за поволни кредити со поедноставени услови.

За овие две мерки предвидени се 5,5 милиони евра кои ќе можат да ги искористат околу 1.700 лица.

“Сега преку поедноставени услови и за двете мерки се овозможува на сите невработени лица активни баратели на работа кои се на евиденција само еден ден пред објавување на јавниот оглас да аплицираат, да ја искористат оваа поволна мерка и да се самовработат. За добивање кредит за микро и мали претпријатија ќе биде доволно фирмите да имаат само еден вработен, а не најмалку двајца како досега. Исто така, лицето кое фирмата планира да го вработи, треба да биде во евиденцијата на Агенцијата за вработување само еден ден”, истакна на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Во рамки на мерката кредитирање за самовработување е предвидено за дејности од помал обем за секое новоотворено работно место да се доделуваат по 3.000 евра, при што ќе се финансираат проекти со најмногу три работни места, односно до 9.000 евра, за дејности од поголем обем за кредитобарателот се доделуваат 5.000 евра, а за секое новоотворено работно место по 3.000 евра, при што ќе се финансираат проекти со најмногу пет работни места, односно до 17.000 евра.

Како што појасни министерот, средствата ќе треба да се вратат во рок од три години со вклучен грејс период од една година за кредит до 9.000 евра, односно пет години со вклучен грејс период од една година за кредит над 9.000 евра. Каматна стапка од 1% на годишно ниво, а дополнителни стимулативни средства до 1.000 евра се предвидени за лица кои се невработени по основ на технолошки вишок, стечај или ликвидација што имаат користено паричен надоместок најмалку шест месеци и се невработени повеќе од три години.

Спасов истакна дека за барање за кредит за отворање нови работни места со мерката кредитирање на правни субјекти (микро и мали претпријатија) може да достави правен субјект кој е регистриран најмалку една година, кој има најмалку едно вработено лице минимум три месеци.

“Пријава за учество во оваа мерка можат да достават сите евидентирани невработени лица без оглед на времетраењето на невработеноста, односно лица со статус невработени лица активни баратели на работа кои се на евиденција еден ден пред објавување на јавниот оглас. Секое ново отворено работно место ќе биде кредитирано со 3.000 евра, а ќе може да се аплицира за отворање максимум три нови работни места. Сумата што ќе може апликантот да ја добие изнесува максимум 9.000 евра со рок за поврат на средствата од три години, со грејс период од една година и со каматна стапка од само 1%”, истакна Спасов.

Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Владо Поповски, истакна дека условите за аплицирање за кредитите се направени на барање на апликантите.

Како што посочи тој со измените кредитите ќе им бидат подостапни на повеќе луѓе, особено на младите кои имаат добри идеи, а пред скоро време завршиле образование и не се долго време пријавени како невработени.

Кај правните субјекти е намален условот од две на најмалку едно вработено лице, а променет и условот за вработување на невработени лица кои веќе не мора да бидат пријавени најмалку една година, туку е доволно само еден ден.

Поповски додаде дека е намален и периодот на чекање на добивање на средствата од кредитот и дека отсега апликантите ќе треба да чекаат најмногу 45 дена додека не добијат повик од банката да склучат договор и да им бидат исплатени средствата.