Поголема соработка меѓу домашните и странските инвеститори за побрз индустриски развој

24

Со изедначени критериуми за домашните и странските инвеститори и со создавање бројни административни и процедурални поволности за инвеститорите во склоп на зоните, државата создава брза и силна индустријализација, рече Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, при отворање на Европскиот самит на слободни зони.

“Инвестициите кои се направени во зоните, создадоа сериозен исчекор во развојот на економијата, односно во силната и брза индустријализација на нашата држава. Само во 2018 година вкупно19 компании потпишаа договор за градба на фабрики во бесцаринските зони, голем дел се градат, а некои веќе започнаа со производство. Зоните, онака како што ги имаме создадено обезбедуваат бенефиции за инвеститорите во делот на даночната политика и даночните ослободувања, а покрај тоа за инвеститорите обезбедуваат и гарантираат брзо, едноставно и олеснето спроведување на бизнис плановите за конечно реализирање на нивните инвестиции што е најважно за нив“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.

За поголем развој на индустријализација во земјата важно и потребно е да се реши како домашната економија да биде поттикната од директните странски инвестиции, односно како соработката помеѓу домашната економија и директните странски инвестиции да се зголеми. На тој начин ќе има поголемо влијание врз пошироката економија во државата.

“Значењето на индустријализација и брзата индустријализација на нашата држава е од круцијално значење за развојот на целата економијата. Значењето на зоните во тој развој е исто така голем и неспорен. И оттука, ние ќе продолжиме да ги поддржуваме сите активности и подеднакво сите инвеститори ќе бидат добредојдени, со цел како државата да бидеме отворени кон сите економии во светот и да бидеме поуспешни“, дополни вицепремиерот.

Самитот има за цел да ги собере регионалните министри и високи претставници од слободните зони во светот за да создаде платформа за споделување на најдобрите практики, промовирање соработка, финализирање решенија за заеднички предизвици и стимулирање на напредок за иднината на слободните зони. Меѓу присутните се и Мухамед Ал Зарони, претседател и д-р Самир Хамруни, извршен директор на Светската организација на слободни зони.

“На денешниот самит се присутни повеќе од 350 високи претставници на економските политики од земјите. Самитот го организираме со поддршка на Светската организација на слободни зони, а грижливо обраните теми на панел дискусиите ќе ги отворат прашањата на државната помош и теми како ‘Иднината на слободните зони и предизвици’, ‘Незаконската трговија, нејзиниот ефект врз слободните зони’ и ‘Програмата за безбедна зона, како и формирањето на здружение кое ги опфаќа сите видови на зони“, истакна Александар Младеновски, Директор на Дирекцијата на ТИРЗ при отворањето на самитот.