Поголема заштита на мајчинството за зголемено учество на жената на пазарот на труд

45

Обезбедување поголема здравствена заштита на бремената жена, мајката родилка и нејзиното дете, ќе овозможи поголема вклученост на жената на пазарот на труд, беше истакнато денеска на работнилницата Средина што го поддржува семејството преку подобрена заштита на мајчинството, што се одржа во организација на Меѓународната организација на трудот и Министерството за труд и социјална политика.

Македонија е меѓу земјите кои имаат најголема усогласеност на националното законодавство со Конвенцијата за заштита на мајчинството. Потребно е да се работи на унапредување на примената на законодството за што е потребна свест и кај работодавачите, како и на промоција на можноста породилно отсуство да земаат и татковците.

“Обезбедувањето заштита на бремената жена, мајката родилка, нејзиното дете се одговорности на институциите на системот и важно општествено прашање во целина. Заради тоа Собранието на Република Македонија ја ратификуваше Конвенцијата за заштита на мајчинството на Меѓународната организација на трудот, со што нашите напори добија правец, а целта беше натамошно подобрување на еднаквоста на жените на работното место и здравјето и безбедноста на мајката и детето“, рече министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Според него, основната заштита на жената е овозможена со породилно отсуство кое кај нас изнесува девет месеци со што се вбројуваме во земјите кои имаат отсуство со најдолго траење.

“Минатата година воведовме и ново дополнително право на неплатено родителско отсуство со кое е предвидено работничката да го користи по завршување на основното породилно отсуство. Тоа трае три месеци, а работничката може да го користи до навршување на тригодишна возраст на детето. Притоа на жената и е обезбедена бесплатна здравствена заштита“, рече Спасов.

Лаура Адати, експерт за заштита на мајчинство од МОТ од Женева, смета дека со промовирањето на урамнотеженоста, односно усогласеноста меѓу семејниот живот и работата се постигнува баланс кој придонесува кон поголем развој и продуктивност на самата економија бидејќи на тој начин се создаваат посреќни родители и до максимум може да се искористат нивните таленти.

“Треба да се вложат дополнителни напори бидејќи постои ефективно законодавство, но тоа треба да се спроведе во пракса, да се обезбеди подобра здравствена заштита и осигурување на приходите на мајките по раѓањето на децата, особено кај ранливите групи како што се привремените вработувања, оние кои работат на определен период, самовработните, жените од руралните средини“, рече Адати.