Полесно да се добие работна дозвола: Германија усвои нов закон за имиграција на странски работници

61

Новиот закон што го олеснува имигрирањето во Германија за работа може да стапи на сила – државниот дом на сојузниот парламент, Бундесрат, во петокот ја одобри регулативата донесена од Бундестагот минатиот месец.
Новиот закон, меѓу другото, ја воведува таканаречената карта за шанса, односно систем на бонус поени за кандидатите за имиграција, како што се јазични вештини, работно искуство, возраст и врски со Германија.

Имателите на карта ќе имаат право да бараат работа во Германија, а таа е и едногодишна дозвола за престој. Сличен систем со години има и Канада.

Според новите прописи, експертите од ИТ секторот нема да имаат потреба од високо образование за вработување, под услов да ја докажат својата стручност, пренесува Investor.me.

„Новиот закон е првиот чекор кон привлекување на најдобрата работна сила во Германија во услови на меѓународна конкуренција“, рече министерката за внатрешни работи Ненси Фесер.

Министерот за економија Роберт Хабек повтори дека насекаде во германската економија недостигаат квалификувани работници и дека 600.000 работни места се празни „едноставно затоа што нема луѓе“.

„Имиграцијата на странски работници е во интерес на Германија“, рече министерот за труд Хубертус Хајл, опишувајќи го новиот закон како „историски“, бидејќи „во спротивно, дефицитот на работната сила трајно ќе го кочи економскиот раст“.

Законот, исто така, се занимава и со други прашања кои го отежнуваат ангажирањето квалификувани работници, што им олеснува на младите да се образуваат додека работат или патуваат за обука.