Полициски час за Скопје, Куманово, Липково, Штип, Тетово…

25
Од продолжението на 60-тата седница на Владата: Забрана за движење за граѓаните за сите скопски општини, за општините Куманово, Липково, Штип, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце; Од четврток од 21:00 часот до понеделник до 05:00 часот, се забранува посета на гробиштата, освен за погреби.
 
Во продолжение на 60-тата седница што се одржа денеска, Владата на Република Северна Македонија, согласно препораките на Комисијата за заразни болести, со цел брза и ефикасна реакција за спречување на ширењето на коронавирусот, донесе одлука да се воведе целосна забрана на движењето на сите граѓани во Скопје (сите скопски општини), Куманово, Липково, Штип, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, почнувајќи од четврток (четврти јуни) од 21:00 часот до понеделник (осми јуни) до 05:00 часот.
Во сите останати градови, се забранува движење на сите граѓани од четврток (четврти јуни) од 21:00 часот до петок (петти јуни) до 05:00 часот наутро, а во петок, сабота, недела во овие градови забраната започнува од 16:00 часот и трае до следниот ден до 05:00 часот наутро.
Петок (петт јуни) се прогласува за неработен ден за сите граѓани.
Во периодот од четврток (четврти јуни) од 21:00 часот до понеделник (осми јуни) до 05:00 часот, се забранува посета на гробиштата на територијата на цела држава, освен за погреби.
Отстапките за од овие забрани се однесуваат за земјоделските активности, поради што е дозволено движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.
За време на периодот за кој е донесена оваа одлука за забрана за движење, аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.
Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.
Остануваат на важење сите издадени дозволи за движење за време на претходните забрани за движење кои беа воведени, особено за економските оператори и за работа организирана во смени.
Прошетката на милениците ќе биде во веќе востановените термини во периодите 08:00 до 8:30, 15:00 до 15.30 и 20:00 до 20:30 часот.
Забраната за движење не важи за лицата со попреченост и за нивните придружници доколку имаат соодветна документација.
На денешната седница Владата ја усвои информација за програмирање на средствата од Европската Унија како награда за успешност за 2020 година за справување со последиците од пандемијата на коронавирусот, според која наградата од 50 милиони евра се распределува во два финансиски пакета, односно два Акциски документи и тоа 40 милиони евра за социо-економско опоравување од последиците од КОВИД-19, 5 милиони евра за поддршка на здравствениот систем и 5 милиони евра за поддршка на процесот на преговорите и на пристапување и за јакнење на капацитетите за управување со ЕУ фондовите.
На оваа своја седница Владата ја усвои Одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во мировната операција на Организацијата на Обединетите Нации „УНИФИЛ” во Република Либан.