Половина од населението во ЕУ е постаро од 44,4 години

66

Просечната возраст на населението во Европската унија минатата година достигна 44,4 години, што е за 2,5 години повеќе од 2012 година, покажуваат податоците на Канцеларијата за статистика на ЕУ (Евростат). Тоа значи дека половина од населението на ЕУ е постаро од 44,4 години.

Просечната возраст на населението се движеше од 38,3 години во Кипар, 38,8 години во Ирска и 39,7 години во Луксембург до 48 години во Италија, 46,8 години во Португалија и 46,1 години во Грција. Вкупно, во 18 земји на ЕУ, просечната возраст на населението беше под просекот на ЕУ.

Помеѓу 2012 и 2022 година, овој индикатор се зголеми во сите земји-членки на ЕУ, освен во Шведска, каде што се намали од 40,8 години во 2012 година на 40,7 години во 2022 година.

Во пет земји на ЕУ, средната возраст на населението се зголеми за четири или повеќе години. Просечната возраст во Португалија се зголемила најмногу меѓу земјите на ЕУ, за 4,7 години, а потоа следат Шпанија (4,3), Грција и Словачка (по 4,1) и Италија (4).

Помеѓу 2021 и 2022 година, средната возраст се зголеми во 24 земји на ЕУ, додека се намали за 0,1 година во Германија, а остана иста во Австрија и Холандија. Најголем пораст на просечната возраст во тој период е забележан во Грција за 0,6 години и во Чешка за 0,5 години.

Покрај зголемувањето на просечната возраст, зголемен е и односот на зависност на постарите граѓани, дефиниран како однос на бројот на лица над 65 години во однос на бројот на работоспособни лица (од 15 на 64 години).

Односот на зависност од старост во ЕУ беше 33 проценти во 2022 година, што е за 0,5 процентни поени (п.п.) повеќе отколку во 2021 година. Од 2012 година, кога изнесуваше 27,1 отсто, овој показател е зголемен за 5,9 п.п.

Овој индикатор варираше меѓу земјите-членки на ЕУ, но остана над 20 проценти во сите. Највисоки коефициенти се регистрирани во Италија (37,5 отсто), Финска (37,4 отсто) и Португалија (37,2 отсто), а најниски во Луксембург (21,3 отсто), Ирска (23,1 отсто) и Кипар (24,5 отсто).

Во споредба со претходната деценија, најголем пораст на коефициентите имало во Финска за 9,7 п.п., Полска (9,6 п.п.) и Чешка (9,2 п.п.), а најмало во Луксембург за само еден п.п. и во Австрија (3, 1 п.п. ) и Германија (3,3 п.п.).

Фото: Pixabay