Помалку издадени одобренија за градење во ноември

57

Во ноември минатата година се издадени 208 одобренија за градење, што е за 14,4% помалку во однос на истиот месец од претходната година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 1.921.700.000 денари, што е за 22,2% помалку во однос на истиот месец од претходната година.

Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 112 (53,9%) се наменети за објекти од високоградба, 20 (9,6%) за објекти од нискоградба и 76 (36,5%) за објекти за реконструкција.

Од вкупно 208 објекти, на 109 (52,4%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 99 (47,6%) објекти инвеститори се деловни субјекти.

Во извештајниот период е предвидена изградба на 302 станови, со вкупна корисна површина од 26.479 метри квадратни.

Фото: Freepik