Помалку лежалки на грчките плажи

48

Во последниве години постои голема загриженост бидејќи хотелите и различните капацитети го окупираа најголемиот дел од плажите, оставајќи многу малку простор за туристите

Пред претстојната летна сезона, Грција донесе нови прописи со кои се воведоа построги правила за користење на плажите. Новиот закон предвидува 70 отсто од просторот на која било плажа во оваа земја да остане без лежалки за да се направи поорганизирано местото за летување на туристите и да се спречи гужвата. Со новата регулатива се воведува правилото дека 85 отсто од плажите во заштитените подрачја се бесплатни, а лежалките се целосно забранети во еколошки чувствителните подрачја. На овие места ќе се формираат таканаречени недопирливи плажи на кои нема да може да се користат лежалки.

Во последните години постои голема загриженост дека хотелите и разните капацитети заземале голем дел од плажите, оставајќи многу малку простор за туристите. Затоа сега се менува начинот на доделување лиценци и концесии за да се зголеми транспарентноста и способноста на државата да ги контролира овие компании.

Како што пренесуваат грчките медиуми, премиерот Кирјакос Мицотакис ги најавил сите овие мерки, наведувајќи дека оваа туристичка земја летово сака да го реши проблемот со прекумерната гужва. Тој укажа и на проблемот што го создаваат бројните ресторани кои зафаќаат голем дел од крајбрежјето, поради што има се помалку простор за гости. Новите прописи го регулираат и добивањето дозволи во иднина.

Туристите ширум светот ова лето ќе се соочат со различни ограничувања воведени од европските земји за да се спречи масовниот туризам, пренатрупаноста и да се заштити локалното население. Во едно познато шпанско одморалиште, на пример, беа воведени казни од 1.200 евра за капење од полноќ до седум часот наутро, а забрането е и спиење на плажа во тој период. Португалија воведе радикални казни за оние кои користат звучници на плажите, а Сардинија казни од 3.500 евра за оние кои ќе стапнат на забранети плажи. Освен тоа, насекаде се воведуваат разни даноци со цел практично да се обесхрабрат туристите од прекумерни посети.

Грција воведува нов данок кој треба да ги покрие штетите од екстремните временски услови, а од овие приходи само годинава се очекува да собере 300 милиони евра. Сите кои ќе одмараат во оваа земја од март до октомври можат да сметаат на плаќање на овие такси кои зависат од видот на сместувањето и се движат од едно до четири евра за ноќевање. Оние кои престојуваат во апартмани и хотели со една или две ѕвезди одвојуваат 1,50 евра, во хотели со три ѕвезди три евра, со четири ѕвезди седум, а во луксузни хотели 10 евра од ноќевање.