Помалку од 1% од пензионерите земаат максимална плата во земјава

63

Максимален износ на пензија, од 40.067 до 54.335 денари, во февруари примиле 2.619 пензионери или 0,81% од вкупниот број на пензионери во земјава, покажуваат податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Од тие 2.619 пензионери, 2.474 пензионери во февруари примиле максимална старосна пензија, семејна пензија во тој распон примиле 95 лица, а 50 инвалидска максимална пензија.

Анализирано по износот на пензија, 63,03% од пензионерите примиле пензија меѓу 12.077 и 40.067 денари. Вкупно 28,49% од пензионерите во Македонија, во февруари, примиле минимална пензија, чиј износ се движи од 9.868 до 12.077 денари.

Податоците на Фондот покажуваат дека минатиот месец 7,67% од пензионерите или 24.839 од нив, примиле пензија не повисока од 9.968 денари.

Просечната исплатена пензија во февруари изнесуваше 15.629 денари, од кои највисок просек има воената пензија од 22.939 денари, а најниска земјоделската пензија во просек од 8.190 денари.

Податоците на фондот покажуваат дека минатиот месец во земјава имало вкупно 324.833 пензионери, од кои 217.792 се корисници на старосна, 75.327 на семејна и 31.714 на инвалидска пензија.

Фото: Pixabay