Понуда од Европа Ре – уникатно осигурување во земјоделство за заштита од временски непогоди

99

Europa RE & MZSV_Press_FOTO

Европа Ре – друштво за реосигурување одговорно за имплементирање на програмата за осигурување од ризици од катастрофи и временски неприлики – Southeastern Europe Catastrophe Risk Insurance Facility (SEEC CRIF) го претстави новиот производ за индексно осигурување на остварени приноси од посеви во Македонија, наменет за продажба преку домашните друштвата за осигурување.

Новото осигурување, преку можноста да се осигура очекуваниот принос од посеви, овозможува заштита на земјоделците од сите видови катастрофални ризици предизвикани од природни временски појави, како што се: сушата, поплавите, мразот, поројните врнежи, градот и други, кои имаат влијание на пошироки области т.е. општини и можат да предизвикаат намалување на приносите на земјоделските култури или нивно уништување.

“Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, неколку години по ред ги охрабрува и финансиски ги помага земјоделските производители да ги осигураат своите посеви од временските неприлики. Откога оваа Влада почна со субвенционирање на осигурувањето, фармерите се повеќе размислуваат како полисите да ги прилагодат на сопствените потреби, а осигурителните компании, пак, како да ги доближат до корисниците“, изјави заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски.

Тој потенцираше дека токму фактот што Македонија е првата земја од регионот која воведува ваков вид осигурување во земјоделството претставува одличен показател за грижата и стратешкиот приод што го има Владата во поддршката на развојот на земјоделството. Дополнително што и за новиот осигурителен производ се однесуваат постојните мерки за субвенционирање на 60% од трошокот за осигурителните полиси во земјоделството .

Индексното осигурување на остварени приноси од посеви, според сите свои карактеристики, претставува оригинален и иновативен производ за осигурување на земјоделството, развиен и поддржан од Европа Ре. Тоа функционира на тој начин што евентуалните загуби на земјоделците, предизвикани од временски непогоди, се мерат во однос на индексот, односно просечниот принос на ниво на општина, за секоја поединечна земјоделска култура.

На ваков начин, осигурените земјоделци, добиваат надоместок на штета доколку остварениот просечен принос на ниво на цела општина е помал од претходно договореното ниво на покритие на осигурениот принос кои тие сметаат дека би го оствариле во своето земјоделско стопанство кое се наоѓа во индекс општината за која се определил земјоделецот.

“Се работи за уникатен пристап во осигурувањето во земјоделство преку кој сите земјоделци на ниво на една општина се третираат подеднакво. Исплатите на оштетните побарувања ќе се вршат автоматски, наместо како досега со примена на теренска  проценка на штети и загуби на поединечни парцели со што дополнително се поедноставува целиот процес и значително се добива на брзина при исплатата на штетите. Со тоа земјоделците добиваат дополнителна сигурност“, изјави Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Климе Попоски.

Новото осигурување во земјоделството ќе се нуди единствено преку домашни друштвата за осигурување кои ќе бидат акредитирани од страна на Европа Ре, која ќе обезбеди соодветна експертиза, техничка поддршка, како и квалитетно реосигурување за сите полиси издадени од страна на партнерските друштва за осигурување. Иновативната програма стартува со полиси за осигурување на приносите на есенската пченица и јачменот, а наскоро на земјоделците ќе им биде понудено и осигурување на пролетната пченка и винското грозје.

“Фактите говорат дека климатските промени станаа сериозна закана која не ја одминува ниту Македонија. Над 40% од територијата на земјата е ранлива на суши, а сведоци сме дека прекумерните врнежи и појавата на град оваа година, слично како и минатата, нанесоа големи штети во земјоделството. Осигурувањето на приносите од екстремните временски услови може да им помогне на земјоделците да го заштитат нивниот бизнис од овие реални ризици, а преку тоа и нивниот животен стандард“, изјави Надица Јовановска Бошковска, раководителка на претставништвото на Европа Ре во Република Македонија.

Европа Ре е уникатен и пред се функционален модел на партнерство меѓу државите од регионот, глобалните институции и приватниот сектор. Нејзини основачи и главни акционери се Владите на Македонија, Србија и на Албанија, а компанијата е поддржана и од Светската Банка, Европската Унија, Обединетите нации, Швајцарскиот секретаријат за економски прашања и Глобалната мрежа за животна средина. Седиштето на Европа Ре е во Швајцарија. Засега компанијата работи на пазарите во Србија, Албанија и Македонија, каде оваа пролет беше претставен првиот производ за осигурување од земјотрес.