Поправката не смее да биде поскапа од новиот уред

84

Дури 76% од граѓаните на Европската унија имале искуство со прерано расипување на уредите, а најмногу се жалат на паметни телефони и апарати за домаќинство, покажуваат истражувањата.

Кога расипаниот уред ќе го однесат на поправка, најчесто се откажуваат од сервисирање бидејќи резервните делови, ако воопшто може да се најдат на пазарот, чинат повеќе од самиот уред, пренесува српска Политика.

Според Билјана Борзан, хрватска европарламентарка активна во борбата за заштита на правата на потрошувачите, дури 44% од граѓаните ја наведуваат скапата поправка како причина за купување нов уред. Таа истакнала дека се залага цената на резервните делови да биде најмногу 30% од цената на новиот уред.

“Резервните делови мора да бидат достапни на пазарот минимално околу 10 години и доставени во рок од две недели. Граѓаните сакаат за квалитет ако треба да платат и повеќе. На пример, во Хрватска дури две третини од купувачите платиле повеќе за производи што се подобри за околината“, вели Борзан.

Резервните делови и нивниот недостиг на пазарот денес се голем проблем во сите држави. Скапиот сервис ги одбива потрошувачите, што поттикнува масовна потрошувачка и натрупување на електронски отпад иако многу од фрлените апарати со незначителна поправка би можеле да бидат употребливи уште долг временски период.

Промените на пазарот на бела техника почнаа да се споменуваат уште во септември минатата година кога беше кажано дека Европската унија нема да дозволи продажба на технолошки уреди со лош квалитет.

Фото: Pexels