Поради можниот колапс на кинески Evergrande, Волстрит нагло падна

21

На Волстрит берзанските индекси нагло паднаа затоа што инвеститорите стравуваат од последиците од можниот колапс на кинеската компанија Evergrande и затоа што се нервозни пред состанокот на лидерите на ФЕД.

Dow Jones потона 614 поени, или 1,78 отсто, на 33.970 поени, додека S&P 500 се „лизна“ за 1,70 отсто, на 4.357 поени, а индексот Nasdaq падна за 2,19 отсто, на 14.713 поени.

За Nasdaq и S&P, тоа е најголемиот дневен пад од мај, додека Dow забележа најголем пад од јули.

Цените на акциите паднаа во сите 11 најважни сектори на S&P, и најмногу во оние што се најчувствителни на случувањата во економијата, како што е енергијата.

Меѓу најголемите губитници вчера беа акциите на технолошките гиганти како Microsoft, Alphabet, Amazon.com, Apple, Facebook и Tesla.

Можен колапс на Evergrande

Падот на пазарот, меѓу другото, го припишуваат на притисокот врз кинеските пазари поради евентуален колапс на групацијата China Evergrande, бидејќи овој огромен играч на пазарот на недвижности има проблеми со ликвидноста поради падот на продажбата и огромните долгови.

Ова изврши притисок и врз другите акции во кинескиот сектор за недвижности, а инвеститорите стравуваат од финансиски прелевања.

„Секогаш може да има остра продажба кога нешто ќе го фати пазарот на погрешна нога, но не знаете која е причината. Мислам дека ова е последица на вестите од Кина и мислам дека не е големо изненадување, со оглед на тоа колку оптимизам имаше на пазарот“, вели Самер Самана, стратег во Инвестицискиот институт Wells Fargo.

Инвеститорите, исто така, се претпазливи за дводневниот состанок на лидерите на американската централна банка, кој започнува во вторник, додека изјавата се очекува утре.

На таа седница најверојатно ќе се отвори дискусија за намалување на износот за купување на обврзници, но инвеститорите се надеваат дека официјалното соопштение за ова намалување би можело да следи дури во ноември или декември.

Несигурноста владее на Волстрит во последните недели, бидејќи ФЕД наскоро почнува да ги намалува стимулациите, додека забавува економскиот раст.

Како резултат на тоа, од 2 септември, кога достигна рекордно ниво, индексот S&P 500 е во загуба од околу 4 проценти.

Стратезите на Morgan Stanley рекоа дека очекуваат 10 проценти корекција на S&P кога ФЕД ќе почне да го намалува монетарниот стимул, а пад од 20 проценти е можен во случај на стагнација на економското закрепнување.

И на европските берзи, цените на акциите вчера нагло паднаа. Лондонскиот FTSE индекс се лизна за 0,86 проценти, на 6.903 поени, додека франкфуртскиот DAX потона за 2,31 проценти, на 15.132 поени, а парискиот CAC на 1,74 проценти, на 6.455 поени.