Поради низа неизвесности, цените на нафтата значително флуктуираат

90

Цените на нафтата значително пораснаа минатата недела, враќајќи дел од загубите од претходната недела, што е последица на растечките тензии на Блискиот Исток, како и на неизвесноста пред претседателските избори во САД.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела порасна за повеќе од 4 отсто, на 75,06 барели, додека барелот на американскиот пазар поскапе за 3,5 отсто, на 71,69 долари.

Откако потонаа за повеќе од 7 отсто пред една недела, цените закрепнаа дел од загубите минатата недела. „Пазарот ќе флуктуира многу додека не добиеме одговори на некои од прашањата за Израел, војната и претседателските избори во САД. Изборите создаваат несигурност на многу пазари и луѓето малку се повлекуваат назад, не се подготвени да преземат многу ризик поради потенцијалните скокови, нестабилноста и неизвесноста“, рече Фил Флин, аналитичар во Price Futures Group.

Инвеститорите на светските пазари ги засилија инвестициите во американскиот долар, како безбедно засолниште за капиталот во неизвесни времиња, очекувајќи зголемена нестабилност до претседателските избори во САД на 5 ноември. „Геополитиката е главната сила што ги движи пазарите во моментов, чекаме да видиме што ќе се случи со изборите во САД и која насока ќе ги турка пазарите“, рече Тим Снајдер, главен економист во Matador Economics.

Дополнително, трговците бараат поголема јасност за стимулативната политика на Кина, иако аналитичарите не очекуваат таквите мерки да обезбедат голем поттик за побарувачката на нафта.

Голдман Сакс минатата недела објави дека очекува цените на нафтата во 2025 година да бидат на овогодинешното ниво, помеѓу 70 и 85 долари за барел за лондонски брент, и предвидува дека влијанието на кинеските стимуланси ќе биде скромно во споредба со поголемите двигатели, како што е понудата на нафта во Блискиот Исток.

Аналитичарите на Банката на Америка, пак, пишуваат дека следната година очекуваат просечна цена на суровата нафта „брент“ од 75 долари за барел.