Повеќе од 1.000 суперјахти во моментов се нарачуваат или се градат ширум светот, како резултат на желбата на богатите да бараат засолниште од гужвата и КОВИД-19 во нивните пловечки палати, кои чинат деветцифрени суми.
Според податоците за набавка на јахти на Boat International за 2022 година, рекордни 1.024 суперјахти (долги над 24 метри) се пуштени во употреба или се во изградба.
Ова е за 25% повеќе од една година порано и го надминува врвот постигнат во 2008 година. Бродоградилиштата имаат потешкотии да ја задоволат побарувачката, а богатите купувачи треба да чекаат помеѓу 3 и 5 години за сопствени јахти.
„Бродоградилиштата се многу пренатрупани“, изјави за CNBC Џонатан Бекет, извршен директор на Burgess. „Тие даваат се од себе за да ги исполнат барањата на клиентите, но тоа не е лесно“.
Од новата 126-метарска едрена јахта на Џеф Безос до Project Black Shark, мистериозна 77-метарска јахта дизајнирана да личи на „кожа од ајкула“, бројот и големината на бродовите кои моментално се градат се без преседан, велат тие.
Вкупната должина на суперјахтите што ќе бидат испорачани до 2026 година ќе надмине 38 километри, според Boat International.
Цените за суперјахти се движат од 2-3 милиони долари до над 500 милиони долари, во зависност од нивната големина и сложеност.
Најголем дел од побарувачката доаѓа од Соединетите Американски Држави, каде што зголемените цени на акциите, иницијалните јавни понуди (ИПО) и растечките пазари на криптовалути создадоа трилиони долари богатство за време на пандемијата, рече Бекет. Во моментов има 500 милијарди милијардери повеќе во САД отколку пред пандемијата, со околу 2.755 ширум светот на крајот на годината, според „Форбс“.
Многу од новите и старите богаташи ги засилија плановите да купат суперјахта во текот на изминатите две години, поради зголемената загриженост за јавното здравје, рече Бекет.
„Ковид-19 ги натера луѓето да ги преиспитаат своите животи“, вели Бекет. „Многу од нашите клиенти се чувствуваа непробојно и безбедно, но мислам дека КОВИД ги натера да се чувствуваат ранливи. Затоа си рекоа дека не треба да го одложуваат купувањето на јахта и забавата со семејството за 5 или 10 години, бидејќи сега можат да го направат тоа“.
Огромната побарувачка создава недостиг од екипажи, места за „паркирање“ и бродоградилишта. Компаниите кои градат јахти ширум светот, но особено оние во Италија, Холандија и Германија, се соочуваат со потешкотии со работната сила, недостиг на материјали и просторни ограничувања.
Според Boat International, суперјахтите се распродадени во 2022 година и поголемиот дел од 2023 година. Бројот на бродови пуштени без претходна нарачка во моментов е на рекордно ниско ниво.
„Цените во индустријата за суперјахти се многу нестабилни и неразбирливи за многумина, но побарувачката се зголемува“, истакнува Бекет.
„Цените на новите проекти растат“, посочува тој. „Тешко е за бродоградилиштата да постават фиксни цени, бидејќи материјалните трошоци може да се зголемат во следните 12-24 месеци, но на крајот сите сакаат договор со фиксна цена“.
Најголемата моторна суперјахта испорачана оваа година е Nord, долга 141 метар, која ја изгради германската компанија Lurssen Yachts.