Поради преминот кон електрични возила, милиони луѓе ќе останат без работа

76

Радикалната транзиција кон електрични возила ќе значи губење на работни места за работниците во технолошкиот сектор поврзан со мотори, вклучително и голем број добавувачи, предупреди во четвртокот претседателот на Тојота, нагласувајќи дека 5,5 милиони луѓе би можеле да ги загубат своите работни места во Јапонија.

„Автомобилската индустрија во Јапонија вработува 5,5 милиони луѓе. Меѓу нив има и оние кои долго време работат на работни места поврзани со мотори. Тие луѓе ќе останат без работа ако изборот се сведе на електрични возила“, изјави Акио Тојода за новинарите.

Шефот на Тојота, пишува Хина, го повтори предупредувањето од пред три години, кога предупреди и дека радикалната транзиција за јапонските компании ќе значи осум милиони произведени автомобили помалку.

Денес, Toyota е на првото место во светската ранг-листа за продажба на возила и е повнимателна во пристапот кон електричните возила од другите производители. Во моментов тоа и оди во прилог, бидејќи светската продажба на вакви автомобили забавува.

Пред една недела бизнис весникот Никеи објави дека Тојота планира да го одложи почетокот на производството на електрични возила во Северна Америка за неколку месеци поради послабата продажба.

Фабриката во Кентаки треба да произведе електричен теренец со три реда седишта, а портпаролот на Тојота во САД рече дека производството најверојатно ќе започне на почетокот на 2026 година и ќе заврши кон крајот на 2025 година.

Во исто време, јапонскиот гигант ја проширува својата палета на хибридни модели, како дел од стратегијата „повеќе патеки“ кон нулта емисија на јаглерод, која вклучува електрични, хибридни и водородни возила и други погонски технологии.