Поради санкциите, руските авиокомпании ќе превезат 19 милиони патници помалку од минатата година

72

Руските авиокомпании оваа година ќе превезат 19 милиони патници помалку од минатата година, поради санкциите на Западот по руската инвазија на Украина и забраните за летови воведени од Москва во јужна Русија.

Ова е петтина од планираниот вкупен број патници, објави рускиот весник „Ведомости“, повикувајќи се на податоци од тамошното Министерство за транспорт.

Руската авијација е меѓу најтешко погодените од војната во Украина. Воздушниот простор над Европа и Северна Америка е затворен за Русија, а западните санкции исто така забрануваат купување и одржување на авиони „Боинг“ и „Ербас“, кои се столбот на руските воздухопловни компании.

Москва одлучи да пререгистрира многу авиони и да го прекине воздушниот сообраќај кон многу земји поради стравот дека авионот може да биде конфискуван. Покрај тоа, руската влада воведе забрани за летови над југот на земјата од февруари поради воени битки.

Единаесет аеродроми не можат да се користат, вклучително и оние во црноморските одморалишта Анапа и Геленџик, како и Симферопол на Крим, полуостров анектиран од Русија во 2014 година.

Последиците за руската авијација се сериозни, особено во летните месеци. Во јуни руските авиокомпании загубија 2,7 милиони патници, а во јули и август се наѕира дефицит од 3,2 и 3,3 милиони патници.

Руската влада им вети на авиокомпаниите државна помош од 100 милијарди рубљи (1,7 милијарди долари).