Порадикални мерки, ако продолжи состојбата на загаденост

24

gmagla-vuykuykyuyuo-skopje-nova Министерот за животна средина и просторно планирање, Абдулаќим Адеми, најави порадикални мерки за заштита од загаденоста, доколку и утре продолжи оваа состојба.
На денешната средба со невладиниот сектор кој се залага за почиста и поздрава животна средина, министерот Адеми посочи дека нема да се донесат одлуки кои ќе бидат на штета на граѓаните.
“Загаденоста на воздухот е комплексна работа, бара повеќе координација, особено меѓу државните органи, како и со невладиниот сектор. На квалитетот на воздухот свое влијание има индустријата, сообраќајот, грејната сезона, метеоролошките и климатските услови”, рече Адеми.
Ана Чоловиќ-Лешковска од невладината огранизација Еко свест, предложи мерка на воведување на парни и непарни броеви на регистерските таблички на возилата, целосна забрана на сообраќајот во централното градско подрачје, како и целосно запирање на градежните работи.
Според Адеми, забраната за сообраќај ќе има минимално влијание, бидејќи ќе придонесе за намалување на загаденоста на 2% до 3%, но со самото тоа ќе се појават нови жаришта.
“Идејата не е да се префли проблемот на друга локација, туку тој целосно да се надмине. Затоа апелирам до граѓаните, да ги остават своите возила и да го користат јавниот превоз”, додаде Адеми.
Антонио Јовановски од Гоу Грин побара поголема контрола на техничкиот преглед во однос на издувните гасови на јаглероден диоксид и воведување поголеми еколошки такси, но и враќање на фондот за животна средина. Смета дека освен со Министерството за животна средина треба да има поголема координираност со Министерството за внатрешни работи, општините и Градот Скопје.
Потсетувајќи на владините мерки, Адеми се осврна на порадикалните барања со кои се забрани работа на градежните работи од 11 до 17 часот.
“За индустријата нема да се пролонгира усогласувањето на оперативните планови по 1 април 2014 година. Со увозот на возилата со еуро 2 стандард се подобри возниот парк”, рече Адеми забележувајќи дека претходно се возеа возила без никакви еколошки стандарди.
Според информациите на УХМР, утре и во среда ќе има промени на времето и се очекува подобрување на квалитетот на воздухот.
Ресорниот министер и претставниците на невладините организации заклучија дека за загаденоста не треба да се зборува само кога состојбата е лоша, туку во текот на целата година и дека треба да се направи стратегија за да не се повторува состојбата, како и да се работи на подигање на свеста кај граѓаните.