Поранешен претседател на Светска банка: Светот може повторно да изгледа како во 1900 година

643

Поранешниот претседател на Светска банка, Роберт Зелик предупреди дека светот би можел повторно да изгледа како во 1900 година, доколку земјите не работат заедно за да ја решат сегашната криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

Зелик, кој сега е консултант, некогаш беше директор на банката Goldman Sachs и заменик-државен секретар на САД и советуваше шест американски претседатели, меѓу кои и Џорџ Буш Постариот и Џорџ Буш Помладиот. Единствениот начин светската економија да се справи со рецесијата е меѓудржавната соработка, додека тензијата меѓу Кина и Америка може дополнително да ја влоши ситуацијата, смета тој, пренесува BBC.

Ако земјите се оддалечат од глобализацијата и ги следат националните интереси, светот може да личи на ситуацијата од 1900 година.

“Кризата од 2008 и 2009 година беше многу сериозен настан, но имавме соработка со групата Г20 и централните банки. Претседателите Џорџ Буш и Барак Обама беа дел од меѓународните напори заедно со тогашниот британски премиер Гордон Браун. Дури и Кина во тоа време соработуваше на различни начини. Ние денес го немаме тоа чувство за соработка“, вели Зелик, кој управуваше со Светската банка од 2007 до 2012 година, за време на глобалната финансиска криза.

Тој ги повика САД да соработуваат со Кина во изнаоѓање решение за пандемијата наместо да ја обвинуваат за пандемија.

Фото: Facebook