Поранешниот директор на Nissan осуден на 6 месеци затвор и три години условно

53

Судот во Токио денеска го прогласи за виновен поранешниот извршен директор на Nissan Motor, Грег Кели, бидејќи му помогнал на Карлос Гон, поранешен извршен директор на автомобилската компанија, да го скрие својот приход од финансиските регулатори.

Судот го прогласи Кели за виновен за неговата улога во неоткривањето на 80-те милиони долари од приходите на Гон остварени во текот на осум години, пренесе Ројтерс.

Кели е осуден на шест месеци затвор, а условно на три години, пишува Wall Street Journal и додава дека таквата казна значи дека нема да одлежи затворска казна се додека добро се однесува во период од три години.

Самиот Nissan беше казнет со 200 милиони јени (1,73 милиони долари) поради необјавување на приходот на Гон.

Компанијата, трет по големина јапонски производител на автомобили, се изјасни за виновна на почетокот на судењето пред година и половина.

Пресудата доаѓа повеќе од три години по апсењето на Кели.

Гон моментално е надвор од дофат на јапонските обвинители откако побегна во Либан во 2019 година, скриен во кутија во приватен авион. Обвиненијата произлегуваат од промената на финансиските регулативи во 2010 година, кои бараа од директорите кои заработуваат повеќе од милијарда јени (8,71 милиони долари) да ги објават своите плати.

Кели негираше дека го прекршил законот и сведочеше дека неговата единствена намера била да му даде на Гон, кој беше и извршен директор на Renault, компензациски пакет што ќе го одврати од преминување во конкурентски производител на автомобили.