Карлос Таварес, кој до август беше оперативен директор на Renault, од следната година ќе биде претседател на Управниот одбор на PSA Peugeot Citroen. Таварес (55) ќе го замени Филип Варан (61), кој го предводи концернот од јуни 2009 година.
За да се обезбеди непречена транзиција, Таварес ќе влезе во управниот совет на PSA од 1 јануари 2014 година, а подоцна ќе ја преземе и функцијата на претседател, изјавија од компанијата, без да прецизираат точно кога ќе се случи тоа.
Таварес ќе треба да го направи Peugeot профитабилен, да ја запре потрошувачката и да се прошири надвор од Европа. Како трет извршен директор кој ќе ја води оваа компанија во седум години, тој, исто така, ќе треба да го направи Peugeot стабилен во индустријата во која се потребни години за да се реализираат стратешките планови.
Филип Варан вчеравечер изјави дека е подготвен да се откаже од отпремнината за заминување во пензија, која изнесува скоро 21 милиони евра. Голем дел од француската јавност реагираше поради огромната сума што му беше ветена на Варан, токму поради фактот што PSA Peugeot Citroen со години е во сериозни финансиски проблеми.
Варан изјави дека ќе му препушти на Надзорниот одбор на компанијата да одлучи под кои услови следната година ќе замине во пензија.