Пораснаа цените на нафтата

51

Барел нафта на лондонскиот пазар утрово се тргува по цена од 77,59 долари, додека на американскиот пазар цената изнесува 73,75 долари за барел, според податоците на Oiprice.com.

Цените на нафтата се искачија на 77 долари во вторникот, поттикнати од оптимистичките проценки дека Конгресот и Белата куќа ќе постигнат договор за зголемување на плафонот на долгот и од саудискиот сигнал за можно дополнително намалување на понудата. На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше за еден долар повисока од завчерашното затворање на пазарот и изнесуваше 76,99 долари.

На американскиот пазар со барел се тргуваше за 63 центи поскапо, по цена од 72,68 долари. Пазарите внимателно ги следат преговорите меѓу Белата куќа и републиканските претставници од Претставничкиот дом на Конгресот за зголемување на лимитот на задолжувањето на државата, кој моментално изнесува 31,4 трилиони долари.

Вниманието на пазарот го привлече и изјавата на саудискиот министер за енергетика дека трговците кои шпекулираат со пад на цените може повторно да се најдат во неволја.

Тие повторно ќе кукаат, како што кукаа во април (кога Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нивните сојузници одлучија дополнително да го намалат снабдувањето), рече принцот Абдулазиз бин Салман Ал-Сауд во вторникот од Катарскиот економски форум.