Пораст на индустриското производство од 5,5% во април

40

Фото: Pixabay

Индустриското производство во април оваа година, во однос на истиот период лани, е зголемено за 5,5%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во април 2019 година, во однос на април 2018 година, бележи пораст од 3,5%, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 4,5%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 18,6%.

Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на пијалаци, Производство на текстил, Производство на облека, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на метали, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспомeнати на друго место и Производство на мебел.

Според главните индустриски групи, производството во април 2019 година, во однос на април 2018 година, бележи пораст кај  Енергија за 20,6%, Интермедијарни производи, освен енергија за 3,7%, Капитални производи за 2,4%, Трајни производи за широка потрошувачка за 0,4% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5,6%.

Индустриското производство во периодот јануари – април 2019 година, во однос на периодот јануари – април 2018 година, е зголемено за 7,9%.