Пораст на индустриското производство во септември

229

Фото: Pixabay

Индустриското производство во септември оваа година, во однос на истиот период лани, е зголемено за 4,5%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во септември 2018 година, во однос на септември 2017 година, бележи пораст од 4,7%, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 3,6%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 19,2%.

Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на пијалаци, Производство на текстил, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на метали, Производство на машини и уреди, неспомeнати на друго место, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки и Производство на мебел.

Според главните индустриски групи, производството во септември 2018 година, во однос на септември 2017 година, бележи пораст кај Енергија за 15,5%, Интермедијарни производи, освен енергија за 5,1% и Капитални производи за 14,9%, додека опаѓање бележи кај Трајни производи за широка потрошувачка за 1,3% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 3,1%.

Индустриското производство во периодот јануари – септември 2018 година, во однос на периодот јануари – септември 2017 година, е зголемено за 5%.