
Германскиот производител на спортски автомобили „Порше“ планира значително да ги намали трошоците во наредните години и да се фокусира на најскапите возила со цел повторно да стане попрофитабилен, според стратешкиот план за преориентација на компанијата презентиран денес.
„Со оваа стратегија, создаваме услови за да го направиме „Порше“ значително поефикасен, попродуктивен и попрофитабилен во три фази“, рече извршниот директор Михаел Лајтерс, кој е на чело на компанијата од јануари.
„Порше“ има намера да ги намали трошоците за развој на идните серии модели до 20 проценти, објави „Виршафтсвое“.
Трошоците за работна сила во производството треба да се намалат за 30 проценти на среден рок, а трошоците за продажба и дистрибуција за 20 проценти.
Во случај на индивидуални трошоци за материјали, целта е намалување од околу десет проценти, а ќе се намали и бројот на варијанти на модели.
Клучните столбови на стратегијата се фокус на основната дејност и поефикасна организација, па менаџерските позиции ќе се намалат за 40 проценти на среден рок.
Вкупниот број на вработени, и во производството и во администрацијата и помошните услуги, ќе се намали за 25 проценти на среден рок, со стратешка цел од 30 проценти. Уделот на особено скапите автомобили треба да се зголеми од околу една третина на речиси половина од продажбата.
Целта е просечната цена на 10.000 најскапи возила на „Порше“ да се зголеми од 270.000 на 330.000 евра до 2030 година.
Компанијата со седиште во Штутгарт во последните години е погодена од падот на продажбата, особено во Кина, послабата побарувачка за електрични модели и американските царини.
Нето добивката во 2025 година се намали во споредба со претходната година за 91,4 проценти, на 310 милиони евра.
Неодамнешната криза во „Порше“ значително ги оптовари деловните резултати на матичната компанија „Фолксваген“, објавија германските медиуми.












