Брендот Volkswagen Kомерцијални возила ја одликуваше компанијата Порше Македонија со престижното признание „Импортер на годината за 2012”. На конференцијата во Будимпешта која се одржа од 28 до 31октомври, Volkswagen групацијата ги додели наградите за најдобрите импортери на комерцијални возила во Европа согласно нивниот пазарен удел, а Порше Македонија ја доби наградата за најдобар увозник во категоријата на помали импортери.
Како што се наведува во признанието, оваа врвна награда е резултат на големиот успех на Порше Македонија во сите продажни категории во 2012 година, вклучувајќи го одличниот удел на пазарот, прецизното планирање и извонредниот квалитет на залихите, но и на присуството на различните обуки, со цел подобрување на ефикасноста во продажбата.
„Многу сум среќен што токму Порше Македонија е добитник на оваа врвна награда во својата категорија, а овие награди групацијата секоја година ги доделува за најдобрите практики на европските импортери. Оваа награда е потврда за посветеноста и квалитетното работење на нашиот локален тим од Volkswagen Kомерцијални возила, но и на сите други вработени во нашата компанија. Секогаш се трудиме да понудиме различни решенија за мобилност, во комбинација со најмодерната технологија, за да одговориме на секојдневните бизнис потреби, но и за слободните и рекреативни активности на нашите клиенти. Заложбата за постојано обезбедување на модели кои се уште поатрактивни и поекономични за купувачите, но и нашата постојана грижа и одлична комуникација со клиентите е она по што се разликуваме. Верувам дека нашиот пазар има уште поголем потенцијал за раст и дека сме во можност уште повеќе да ги зголемиме испораките на македонскиот пазар, што е и наша цел за 2013 година”, изјави Златко Муцунски, главен извршен директор на Порше Македонија.
Откако беа поставени темелите на фабриката за Фолксваген во Хановер, во 1956 година беше произведен првиот Транспортер од гамата на Volkswagen Kомерцијални возила. Денес овој бренд е синоним за квалитет, нуди разновидни возила за испорака, транспортери и пикапи од највисока класа, кои секојдневно ги задоволуваат потребите на малите и големи бизниси, но пружаат и секојдневно уживање за бројни потрошувачи ширум светот. Со испорачани над 550.370 возила во фискалната 2012 година, испораките и продажбата на Volkswagen Kомерцијални возила достигнаа рекордно ниво, а брендот го постигна вториот најдобар резултат кај оперативниот профит во својата историја.