Порше Македонија ги инсталираше првите брзи полначи во државава

168

Моќните Turbo DC полначи за полнење на електрични возила сега за првпат се инсталирани и во нашата држава благодарение на Порше Македонија.

Порше Македонија го трасира патот кон електричната мобилност, а доказ за тоа е и фактот што благодарение на официјалниот импортер на возилата од Volkswagen групацијата, нашата земја сега за прв пат добива моќни Турбо полначи кои се одликуваат со висок капацитет и брзина на полнење.

Во рамките на комплексот на Порше Македонија активно функционираат вкупни 6 полначки станици за електрични и plug-in хибридни возила, а покрај трите 11 kW и едниот од 7,2 kW, своето место го најдоа и новите Turbo DC полначи со капацитет од 320 kW, со што компанијата го добива најмоќниот парк за полнење на електрични возила во Македонија.

Инаку, главната карактеристика на Turbo DC полначите e нивната брзина на полнење. За илустрација, Porsche Taycan, кој поддржува полначки капацитет од 270 kW, на ваквиот полнач може да се наполни од 20 до 80% за само 19 минути.

“Моделската офанзива на електрични и хибридни возила на Volkswagen Групацијата налага да се направат сериозни инвестиции во развој на инфраструктурата. Во моментов активни се 6 станици за полнење, но до крајот на летото очекуваме да ги инсталираме преостанатите 10 станици за полнење, со што вкупниот капацитет на полначите во рамките на компанијата ќе биде еден мегават. Инвестицијата е вредна повеќе од 500.000 евра“, изјави Златко Муцунски, генерален директор на Порше Македонија.

Благодарение на оваа инфраструктура, Порше Македонија ќе може да ја зголеми својата понуда на електрични и хибридни возила, а во нашата земја веќе се нудат моделите Porsche Cayenne e-Hybrid, Panamera e-Hybrid, Porsche Taycan, Volkswagen e-Up!, Volkswagen Passat GTE и Volkswagen ID.3. Од компанијата најавуваат дека оваа година ќе пристигнат уште неколку електрични модели како што се VW ID.4, Porsche Taycan Cross Turismo, Škoda Enyaq и Audi e-Tron.

Преземено од Avtoplus.mk