Поставеноста на монетарната политика е оценета како соодветна на макроекономските услови

17

На 9 ноември 2021 година, се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата беше оценето дека тековното ниво на основната каматна стапка е соодветно на макроекономските и финансиски услови, при што беше одлучено таа да остане на нивото од 1,25%. Со тоа, монетарната политика и натаму е олабавена, придонесувајќи за поддршка на кредитните текови во економијата. На седницата повторно беше оценето дека во отсуство на притисоци од побарувачката, умерените нагорни придвижувања на инфлацијата се привремени и засега се должат на фактори на страната на понудата. Оттука, засега не се увидува потреба од монетарна реакција за овие ценовни движења, но и натаму постои потребата од будно следење на инфлацијата. На седницата беше потврдено дека тековната ликвидност на банкарскиот систем е соодветна на пазарните движења, при што беше одлучено на аукцијата на благајнички записи што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.

Според последните расположливи макроекономски показатели за економската активност, бруто домашниот производ во првата половина од годината оствари раст од 5,2%, а тековните оценки за третиот квартал на 2021 година упатуваат на натамошен, но поумерен раст на економската активност во овој период, видливи преку расположливите високофреквентни податоци, пред сѐ во делот на личната потрошувачка. Економското закрепнување би продолжило и во следниот период, со стапки на раст од 3,9% за оваа и следната година и пoстепeно би достигнало 4% на срeдeн рок.

Во однос на инфлациските движења, во периодот јануари ‒ октомври, годишниот раст на цените изнесува 2,9%, во просек. Засега се оценува дека ценовните притисоци главно се поврзани со фактори на страната на понудата, без поголеми притисоци од побарувачката. Притоа, нагласена е неизвесноста и променливоста во движењето на светските цени на примарните производи, пред сѐ на енергенсите, во следниот период, поради што е потребно нивно будно следење. Според последните проекции, во кои се вградени претпоставките за позначителен раст на увозните цени во текот на оваа година, домашната инфлација и натаму би била умерена и во контролирани рамки и би изнесувала 3,1% и 2,4% во 2021 година и 2022 година, соодветно, па постепено би се свела на историското ниво од околу 2% на среден рок.

Девизните резерви и понатаму се на соодветното ниво и во сигурната зона. Од почетокот на годината, девизните резерви бележат зголемување. Оцените за надворешната позиција на економијата, согласно со досегашните остварувања, и во рамките на овој циклус проекции се поволни. Сепак, последните оценки упатуваат на малку поголем дефицит во тековната сметка, особено во текот на 2021 и 2022 година, заради поголеми увозни притисоци од побарувачката од очекуваните и поголем ефект врз билансот на плаќања од сѐ повисоките цени на енергенсите. Во рамките на најновите проекции, се очекува дека дефицитот во тековната сметка на билансот на плаќања умерено ќе се продлабочи во 2021 година на 3,8% од БДП и ќе се задржи на истото ниво во 2022 година, по што би се движел околу 2% од БДП на среден рок.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за октомври 2021 година покажуваат нивен натамошен солиден годишен раст, а согласно со последните оцени овој поволен тренд би продолжил и во следниот период, со просечен годишен раст на депозитите и кредитите од 7,4% и 7,0%, соодветно, во периодот 2021 ‒ 2023 година.

На девизниот пазар, беше забележан нагорен тренд на пазарната активност, што соодветствува со надворешното економско окружување на домашната економија. Во текот на октомври,  банките ја задоволија зголемената побарувачка за девизи најмногу од сопствените девизни средства, а делумно и преку интервенции на Народната банка за продажба на девизи.

Во октомври, во центарот на вниманието на учесниците на меѓународните финансиски пазари беа динамиката на инфлацијата на глобално ниво, очекувањата за скора најава на ФЕД за затегнување на монетарната политика во САД и зајакнатите согледувања за повлекување на монетарниот стимул во светски рамки. Во такви околности, цените на државните обврзници издадени во еврозоната и во САД и понатаму бележеа намалување (нивните приноси растеа), а кај вредноста на американскиот долар во однос на еврото продолжи трендот на умерен раст.

Општо земено, на седницата беше заклучено дека движењата кај основните макроекономски параметри се главно во рамките на очекувањата, а последните проекции не упатуваат на поголема промена на макроекономската слика во споредба со претходните оцени. Неизвесноста од пандемијата предизвикана од ковид-19 и понатаму постои, додека ризиците се поизразени и главно надолни. Оттаму, и Народната банка продолжува со внимателно следење на движењата и ризиците од домашното и надворешното окружување, заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика.