Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, на бизнис форум во Париз ги претстави потенцијалите за инвестирање во Македонија, во инфраструктурата и енергетскиот сектор.
Пред присутните на бизнис форумот министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески ги претстави инвестициските можности во земјоделскиот и ИТ секторот и ги претстави идните мерки кои ќе ги унапредат подобностите на овие сектори.
Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Виктор Мизо, ги информираше присутните за поволностите со кои се стекнуваат странските инвеститори присутни во технолошко – индустриските развојни зони, како што се даночното ослободување за реинвестирана добивка и ослободувањето од данокот на добивка и данокот на доход во првите 10 години.
Тој особено го нагласи потенцијалот за инвестирање во туристичките развојни зони и туристичкиот сектор.
На настанот свое обраќање имаа и претставници на француски компании кои се веќе присутни во Македонија, при што пред нивните сонародници ги презентираа позитивните бизнис искуства стекнати при водењето бизнис во Македонија.
Владината делегација се сретна и со претставници на француските компании и комори, кои изразија иницијален интерес за инвестирање во нашата земја.
Форумот е организиран од страна на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија во соработка со Ubifrance – Француска агенција за меѓународен развој на бизнисот, основана од француското министерство за економија, финансии и индустрија.