Потрошувачката на природен гас во Европа во 2023 година падна на десетгодишен минимум

38

Потрошувачката на природен гас во Европа падна на најниско ниво за десет години во 2023 година, објави Американскиот институт за енергетска економија и финансиска анализа (IEEFA) во новиот извештај.

За две години од почетокот на војната во Украина, европската побарувачка за гас е намалена за 20 отсто низ целиот континент, се наведува на веб-страницата на организацијата.

„Европа ја надмина енергетската криза и продолжува да ја ограничува употребата на гас, делумно благодарение на мерките за ефикасност и употребата на обновливи извори на енергија“, се нагласува во извештајот.

Пад на побарувачката на гас е забележан првенствено во Германија, Италија и Велика Британија.

Европа успеа да го намали увозот на руски гас преку цевководи, но руските испораки на течен природен гас (LNG) во Европа се зголемија за 11 отсто меѓу 2021 и 2023 година.

Најголеми увозници на руски природен гас се Шпанија, Франција и Белгија со вкупно учество од 80 отсто.

Испораките на руски ЛНГ во Шпанија во споменатиот период се удвоија, а испораките во Белгија повеќе од трипати.

Турција и Грција почнаа да увезуваат руски ЛНГ во 2022 година.