Потврдено обвинението против првиот човек на МОЛ

39

hernadi

Загрепскиот Жупаниски суд го потврди обвинението против претседателот на Управата на унгарската нафтена компанија МОЛ, Золт Хернади, кој се терети дека го подмитил поранешниот хрватски премиер Иво Санадер за оваа компанија да добие мнозински управувачки права во ИНА.

Обвинителскиот совет го одобрил барањето на УСКОК за судење во отсуство и го одбил барањето на одбраната за укинување на притворот, јавува ХРТ.

Канцеларијата за сузбивање на корупција и организиран криминал на Хрватска (УСКОК) тврди дека на Хернади треба да му се суди во отсуство, затоа што во текот на 2008 и 2009 година, со Санадер договорил мито од 10 милиони евра за да се измени акционерскиот договор во ИНА во унгарска корист.

Одбраната на Хернади смета дека обвинението и барањето за судење во отсуство се без основа и бараат да му се укине истражниот затвор кој му е одреден поради опасност од бегство.

Санадер за овој случај веќе е неправосилно осуден на 10 години затвор и се чека објава на правосилна пресуда на Врховниот суд.

Истрагата против Хернади УСКОК ја прекина во декември 2012 година и повторно ја покрена по влегувањето на Хрватска во ЕУ. УСКОК за Хернади побара и истражен затвор, откако Унгарија одби да му врачи повик за испрашување во Хрватска.

МОЛ има 49,1% удели во ИНА, а хрватската влада 44,84%. Унгарската влада во МОЛ држи 25% акции, 27% се во рацете на странски инвеститори, додека остатокот се во сопственост на десетина помали акционери.