Повеќе од 100 менаџери на германски, македонски и други интернационални компании кои се лидери во стопанството во земјава учествуваат на деловниот појадок со премиерот Христијан Мицкоски што го организираат Делегацијата на германското стопанство АХК, дел од мрежата на германските комори во странство, и Македонско-германското стопанско здружение.
Наш приоритет е да бидеме пријатели со бизнис заедницата, огромна е трговската размена помеѓу двете држави, таа надминува 5 милијарди евра изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Од статистиката и информациите како што наведе тој повеќе од 25 илјади македонски граѓани се вработени во компании коишто доаѓаат од Сојузна Република Германија, и очекува тој број да расте.
“Веќе неколку инвестиции како Влада ги отпочнавме за нив зборуваше и почитуваната претседателка на комората, очекуваме многу скоро денеска уште еден камен темелник на уште една белгиско-германска компанија, но и во периодот којшто следи очекуваме почеток на нови инвестиции на компании коишто се веќе присутни и ќе има проширување, би рекол продлабочување на производното портфолио на тие компании“, рече Мицкоски.
Oхрабруваат вели Мицкоски првите индикатори во економијата во месеците јули и август.
“Во јули и август можам да кажам дека оние податоци коишто се појавија тоа е поголемото индустриско производство со големо учество на преработувачката индустрија охрабрува, 3,8%, 4% после неколку месечниот пад којшто беше посебно жесток во месеците април, мај, јуни, сега конечно имаме позитива и очекувам и во месец август и понатаму во следните месеци до крајот на годината да имаме позитивни резултати за индустриското производство и за преработувачката индустрија, исто така БДП во вториот квартал е 2,3% над очекувањата коишто беа поставени од страна на многу меѓународни финансиски институции. Очекувам во следните месеци тоа да биде уште поголемо, исто така можам да кажам дека инфлацијата постепено во август месец конвергира кон оној оптимум којшто го посакуваме, тој е 2,2% во негатива од тоа што го очекувавме, значи позитивни се и таму индикаторите, споредено со август месец минатата година“, изјави Мицкоски.