
Повеќе од сто компании почнаа да работат на Куба минатата година, изјави рускиот вицепремиер Дмитриј Чернишенко.
Рускиот вицепремиер оваа информација ја претстави на состанокот на меѓувладината руско-кубанска комисија за трговска, економска и научно-техничка соработка, пренесе Тас.
„Тие 100 руски компании се од различни економски сектори, како што се тешката индустрија, енергетиката, банкарството, земјоделството, информатичката технологија и туризмот“, рече Чернишенко.
Тој посочи дека работата на руските компании во Куба ќе има позитивен ефект врз билатералната трговија во блиска иднина.
Што се однесува до Куба, земјата зависна од увоз се најде во голема економска криза, за која Хавана во голема мера ги обвинува американските санкции од ерата на Трамп.
Сето тоа е влошено од пандемијата на Ковид, зголемените трошоци за снабдување и слабите можности за реструктуирање на централизираната економија во која доминира државата. Недостатокот на девизи за увоз на храна, лекови, гориво и други основни потреби годинава се влоши, покажуваат официјалните податоци во земјата.











