НБС: Одземањето на лиценцата за работа на Алта банка нема да влијае на стабилноста на банкарскиот систем

Одземањето на лиценцата за работа на Алта Банка ад Белград нема да влијае на стабилноста на банкарскиот систем како целина, кој е добро капитализиран и високоликвиден, се наведува во ноемврискиот извештај за инфлација на Народната банка на Србија објавен денес.

„Зборуваме за банка која немаше статус на системски важна банка и чие учество во активата на банкарскиот сектор изнесува околу три проценти, па затоа одземањето на лиценцата за работа на оваа банка нема да влијае на стабилноста на банкарскиот систем како целина, кој е добро капитализиран и високоликвиден“, се наведува во извештајот.

За да ги заштити интересите на штедачите и доверителите, Народната банка на Србија донесе одлука на крајот на октомври да ја одземе лиценцата за работа на Алта Банка.