Повеќе увезуваме, помалку извезуваме чај

61

Земјава лани на странски пазари продала чај во вредност од 58.000 долари, а во истиот период е направен увоз на чај од 1,7 милиони долари.

Увозот на чај во земјава, според податоците на World’s top exports, во 2019 година е зголемен за 26,1% во споредба со една година претходно. Кај извозот, пак, има пад од 5,2%.

Извозот на чај во глобални рамки минатата 2019 година беше на ниво од 6,4 милијарди долари или 18,8% помалку во однос на 2018 година. Кина е најголем извозник на светот што покрива 31,8% или заработка од две милијарди долари. Меѓу петте најголеми извозници на чај во светот се и: Индија (803 милиони долари), Шри Ланка (721,3 милиони долари), Кенија (360,9 милиони долари) и Полска (255,2 милиони долари).

Од земјите во регионот, најголем извозник на чај е Бугарија со 2,8 милиони долари. Потоа следуваат: Грција (895.000 долари), Хрватска (699.000 долари), Словенија (584.000 долари) и Србија (455.000 долари).

Увозот на чај во 2019 година беше на ниво од 5,7 милијарди долари, односно 20,4% помалку во споредба со 2018 година. САД важат за најголем увозник на чај во светски рамки со 488,4 милиони долари. Потоа следуваат: Русија (425,7 милиони долари), Велика Британија (356,5 милиони долари), Виетнам (249,4 милиони долари) и Саудиска Арабија (236,6 милиони долари).

Од земјите во регионот, лани најголем увоз на чај имаше Грција со 8,4 милиони долари. Следни се: Бугарија (5,3 милиони долари), Словенија (2,7 милиони долари), Хрватска (2,2 милиони долари), Албанија (еден милион долари) и Србија (747.000 долари).

Фото: Freepik