Повеќе знаење, подобри вештини, посреќна иднина

43

Инцијатива за создавање на Центар за едукација за канцелариско и архивско работење (ЦЕКАР) со донација на електронска платформа и опремување на кабинет за Дигитално канцелариско и архивско работење  во рамките на Институтот за  историја (и насоката архивистика) при Филозофскиот факултет во Скопје.

Филозофскиот Факултет од Скопје и Inbox архивски центар склучија меморандум за соработка со којшто иницираат проект за создавање на Центар за едукација за канцелариско и архивско работење (ЦЕКАР) и создавање на Kабинет за дигитално канцелариско работење, во рамки на Институтот за историја. Целта на овој проект е создавање на стручен квалификациски и пре-квалификациски центар во којшто студентите, вработените лица и/или лицата кои бараат вработување ќе имаат можност по светски стандарди да стекнуваат практични професионални знаења, вештини и способности да управуваат со административно канцелариски и архивски процеси на најсовремена дигиталнa платформa за автоматизација на работни процеси и да бидат носители на административната ефикасност во нивните сегашни и идни организации.

“Дигиталната трансформација е реалност којашто не може и не смее да се игнорира. Таа е сложен процес којшто бара компаниите да направат радикални промени во своите работни процеси, но пред сè бара радикални промени во свеста, компетенциите и убедувањата. Голема заблуда е дека една компанија може дигитално да се трансформира со проста набавка на некаква дигитална технологија. Трансформацијата не ја водат софтверите, туку луѓето, затоа најважниот елемент во дигиталната трансформација е создавање на компетентен кадар. Нашата мисија, да им помогнеме на компаниите дигитално да се трансформираат е суштински поврзана со создавањето на компетенции за дигитално административно и канцелариско работење и со оваа донација, ние и практично ја спроведуваме нашата мисија. Не постои подобро место за почеток на градење на свеста и компетенциите од Факултетот којшто го едуцира и создава кадарот за административно и канцелариско работење“, изјави сопственикот на Inbox, Стојче Тасков.

Оваа соработка ќе се материјализира во три конкретни активности – Донација од Inbox за опремување на предавална – кабинет за дигитално канцелариско и архивско работење во рамки на Институтот за историја, потоа создавање на Центар за едукација и преквалификација и создавање на сертификациона програма за Администратор за kанцелариско и aрхивско rаботење (АКАР) .

Високото образование е дел од најважниот триаголник за напредок на една држава: заедница – држава – високо образование. Брзите промени во општеството предизвикани од напредокот на технологијата наложуваат постојани промени и во високото образование. Но, ниту една високо образовна институција не може со своите студиски програми да го следи темпото коешто го наметнува развојот за да може да одговори на сите потреби на пазарот и заедницата. Затоа, неминовно е со развивање на програми за обуки во системот на доживотно учење и создавање на мултидисциплинарни студиски програми во соработка со pриватниот сектор постојано да се работи на зголемување на знаењата, вештините и компетенциите на студентите, веќе вработените и невработените лица, со еден збор да се зголеми нивната вработливост.

“Како факултет со долга едновековна традиција, на којшто постои акредитирана студиска програма по Архивистика, единствена во нашата земја, соработката со Inbox дооел е особено значајна, бидејќи се вклопува во нашата стратегија за развивање на нови студиски програми и апликативна дејност со вклучување на знаењето на практичари и експерти од приватниот сектор, како и привлекување инвестиции во високото образование за да заеднички создаваме кадри кои ќе можат да одговорат на потребите на заедницата. Преку Центарот, студентите ќе можат да учат на најсовремени дигитални платформи за архивирање, преку знаењето на наставниците и вработените на факултетот заеднички ќе се подобрува и платформата што ќе биде особено важно и за инвеститорот. Особено значајно е создавањето на сертифицирана програма за Администратор за канцелариско и архивско работење (АКАР), преку којашто сите институции и компании во државата ќе можат да се здобијат со компетентни кадри за дигитална архива и канцелариско работење, кадар без кој е невозможно функционирање на ниту еден правен субјект. Морам да напоменам дека и не постои подобар партнер од Националниот центар за управување со информации и документи, Inbox дооел, за реализација на овие активности, во кои работат голем дел од нашите дипломирани архивисти“, изјави проф.д-р Ратко Дуев , Декан на Филозофскиот Факултет.