
Поради емиграцијата, има дефицит не само на работници со пониска квалификација, туку и на стручњаци со високи квалификации. Дополнително, по пандемијата на Ковид-19, висината на надоместокот не е клучен елемент при одлуката за работна позиција, туку колку таа позиција овозможува хармонија меѓу професионалниот и личниот живот, беше нагласено на денешниот 5-ти Форум на успешни компании што се одржа во Скопје.
Според извршната директорка на „Паблик“, Климентина Илијевски, чија организација го реализираше денешниот форум, ова укажува дека во иднина треба значително повеќе да се обрне внимание на подобрување на условите кои ги нуди работното место доколку сакаме да ги задржиме младите луѓе во сферата на трудот. “По Kовид пандемијата почна да се чувствува дека работниците веќе имаат поинакви очекувања и потреби. Ова како тренд почна во 2024 година кога на пазарот се вклучи генерација Z и тоа ни покажа дека значително влијание треба да се посвети на работната култура доколку сакаме овие лица да ги задржиме на пазарот на труд. Првпат, според истражувањата, платата не е највисоко рангирана за тоа какво работно место избираме, туку тоа е чувството на припадност на работното место, односно балансот меѓу приватниот и деловниот живот”, изјави Илијевски пред почетокот на Форумот.
Таа исто така напомена дека во земјите од Западен Балкан, финансиската компензација сè уште претставува приоритет, но рамнотежата помеѓу кариерата и приватниот живот станува важен фактор, односно колку работата влијае на личниот живот.
Сличен став има и заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, кој вели дека иако платата е основен поттик при изборот на работното место, сепак не е секогаш пресудна. “Секако еден од главните услови е и тоа работникот да е задоволен од условите на работното место во поглед на тоа заштита на работничките права, добриот однос на менаџерскиот систем кон вработените, можноста за унапредување…”, посочува Ристески. Според него, причините за одливот на мозоци се комплексни и се резултат на лошото владеење во изминатите децении. Ристески вели дека она што треба да се направи е симбиоза меѓу креаторите на политики, граѓанскиот сектор и бизнисот.
Во земјава има оскудица од кадар од занаетчиските професии и во овој аспект, според заменик-министерот за економија, треба да се работи на дуалното образование, но недостигаат и висококвалификувани лица од областа на техничките науки.