Поволни кредити за органска храна

60

Новиот кредит на Прокредит банка е наменет за примарното органско производство, за преработка на органски производи или за откуп и трговија со органски производи. Производителите можат да искористат до 15 милиони денари заем, со камата од 7% и рок на отплата до 10 години.

„Во фокус ни се насоките во кои македонското земјоделство може да се развива. Исто така ние сме банка која работи за заштита на животната средина и инволвираност на македонскиот бизнис во енергетско ефикасни бизнос процеси. Органското производство е токму тоа, здрава и сертифицирана храна која ја штити природата“, рече Емилија Спировска, член на Управниот одбор на Прокредит банка.

Новиот кредит, сметаат во Федерацијата на органски производители, ќе им помогне на производителите на органска храна да го прошират производството и да отворат нови пазари. На тој начин органските производи ќе бидат поблиску до потрошувачите.

„Органската храна, во сирова состојба ја нема на пазарите. Може да се купи само директно од фармите или пак преработена во специјализирани продавници. Новиот кредит од Прокредит банка секако ќе им отвори повеќе можности да ја збогатат понудата на органски производи“, вели Андреј Толевски од Федерацијата.

Во Македонија во моментов се обработуваат 6.560 хектари со сертифицирани земјоделски органски производи. За разлика од конвенционалните производи во процесот на производство не се користат тешки хемиски средства, како пестициди.